Во темнината (In the Dark):

Ексклузивна премиера на втората сезона на Pickbox NOW

Целосната нова сезона од криминалистичката комедија што прими пофалби Во темнината (In the Dark )ќе ја има својата ексклузивна премиера на 13 јули на Pickbox NOW.

СЀ СЕ ВРТИ ОКОЛУ МАРФИ

Ги следиме авантурите на необичната и откачена девојка Марфи, која ја игра одличната Пери Метфелд, и нејзиното друштво. Марфи е слепа, но никому не дозволува поради тоа кон неа да се однесуваат како кон жртва или како да ѝ е потребна помош, а тоа секако не ја спречува секој ден да наоѓа (прилично) голем број момчиња со коишто завршува во кревет, а не ја спречува ни да се обиде да ја реши мистеријата околу убиството на нејзиниот пријател, 15-годишен дилер кого го нашла мртов на улица.

ШТО НЀ ЧЕКА ВО ВТОРАТА СЕЗОНА?

Втората сезона подлабоко навлегува во животот што се врти околу Надеж на ремен, компанија што се занимава со тренирање кучиња за слепи лица – и во која работат Марфи и друштвото. Откако шефицата на подземјето Нија на Марфи ѝ „нуди“ таа и нејзиното друштво да работат за неа, Надеж на ремен се претвора во параван за перење пари.

Со новите интриги, перењето пари, нелегалните бизниси, заканите со оружје и со даночната управа која им дише во вратот, влоговите се сѐ поголеми, а некои не можат да го поднесат притисокот. Интересна, напната и изопачена, втората сезона ќе ги воодушеви сите љубители на криминалистичките жанрови и мистериите.

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА СЕРИЈАТА

Приказната делумно се заснова врз животот на Лори Бернсон која работи во училиште за тренирање кучиња за слепи, а воедно е и советничка на серијата. Пери Метфелд поминала многу време со Лори, подготвувајќи се за улогата – ја набљудувала нејзината рутина и учела од неа.

Серијата ја продуцира познатиот американски актер, комичар и продуцент Бен Стилер (Зуландер, Нејзините родители, Тропска бура). Главната актерка Пери Метфелд скромно ја коментираше работата со Стилер, велејќи дека е воодушевена што ја пофалил и понекогаш не може да поверува дека тој го знае нејзиното име.

Премиерата на втората сезона ексклузивно гледајте ја на Pickbox NOW од 13 јули!